Сведоци сме како Ковид-19 предизвика застој и тешкотии во работата на: институциите, организациите, училиштата но не и во нашиот одред.

Поради моменталната ситуација, учениците беа принудени предвремено да ги напуштат училишните клупи, но оваа одлука не претставува пречка во неформалното образование и забавата кои ги нуди извидништвото.

Следејќи многубројни позитивни примери за справување со ситуацијата во светот, Сојузот на извидници на Македонија пронајде интересен начин да ја продолжи својата работа со малку поинаква програма.

Иако извидниците се трудат да се оддалечат од модерните технологии, ја искористија позитивната страна на истите со цел непречно одвивање на одредските активности.

Имено, тим на волонтери креираше онлајн програма за месец април која се состои од дневни предизвици кои се објавуваа преку најпопуларните социјални мрежи меѓу младите – Инстаграм и Фејсбук.

Со помош на предизвиците се стимулира: креативноста, одговорноста како и желбата за самоедукација. Исполнетите предизвици, извидниците ги објавуваа на нивните лични и одредски инстаграм/фејсбук профили, а најодговорните, најупорните и најкреативните беа заслужено наградени.

Во месец мај, нашата работа продолжи со исто темпо, но со поинакви активности. Класичните неделни извиднички состаноци ги заменивме со онлајн состаноци со помош на најкористената онлајн платформа во моментот – Zoom.

Станува збор за неделни комбинации на парови од одреди, кои одржуваа заеднички состаноци. Ова беше одлична прилика за извидниците од различни одреди да се запознаат и вмрежат и се надеваме дека ќе се сретнат на извиднички камп во блиска иднина.

Членовите на И.О. „Мирко Милески“ земаат активно учество во извидничките програми предвидени за месеците април и мај.

Во програмата учествуваат членови од категориите развигорци и извидници. Предизвиците одговорно ги извршуваат пет активни патроли, под водство на нивните водачи.

Статистиката на извршени предизвици покажува одлични резултати за мотивираноста на извидниците како и за успешното приспособување на водачите со новонастанатата ситуација.


0 Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.