Во рамките на прославувањето на 22-ри февруари, светскиот ден на Извидништвото, извидниците од И.О. „Мирко Милески“  – Кичево спроведоа повеќе активности со цел обележување на денот на извидниците.

На 21-ви февруари нашиот одред во соработка со О.О. „Црвен Крст“ – Кичево организираше крводарителска акција каде беа донирани 28 единици на крв од сите крвни групи. Повеќе за овој настан можете да прочитате тука.

„Давам чесен збор, дека ќе ја запознаам и сакам својата татковина, Република Македонија, дека ќе ја прифатам духовната реалност и ќе го барам нејзиното потполно значење, дека секогаш ќе им помагам на луѓето, дека ќе живеам и работам по извидничките закони.“

Со овие зборови, на 22-ри февруари во извидничкиот центар на И.О. „Мирко Милески“ се одржа свечена церемонија на давање на Извиднички Завет каде присуствуваа 80 извидници и 50 родители. Помладите извидници имаа можност да ја положат извидничката заклетва, додека постарите извидници ја обновија истата.

22-ри февруари се слави како светски ден на Извидничкото Движење, истиот претставува денот на раѓање на основачот на извидништвото – Лорд Баден Пауел (1857). Роден во Лондон како Роберт Стивенсон Смит Пауел, на свои 19 години се приклучува кон Британската армија каде се стекнува со своите војнички, подоцна и извиднички, вештини.

Во рамките на неговата активност во армијата, Баден Пауел издава војнички прирачник „Помош во извидување“ (Aids to Scouting) и согледал дека постанува најдобро продаван прирачник бидејќи бил користен од страна на професори и младински организации. Со охрабрување од страна на неговиот пријател Вилијам Александар Смит, Баден Пауел одлучува да го преработи својот прирачник со цел да биде прилагоден за младинско раководство (young leadership).

Во август 1907-ма година тој организира камп на островот Браунси (Brownsea) со цел да ги тестира своите идеи. 20 момчиња учествувале на кампот, најголем дел биле синови на негови пријатели.

Првата извидничка книга на Баден Пауел – „Извидништво за момчиња“ (Scouting for boys) била објавена во 1908 година, во шест изданија и биле продадени преку 150 милиони примероци како четврто рангирана книга според број на продажби на 20-тиот век.

Момчиња и девојчиња спонтано започнале да оформуваат извиднички трупи и така започнува Извидничкото Движење кое е најбројно во светот до ден денеска.

Сојузот на Извидници на Македонија (СИМ) е официјално оформен во 1952 година иако извидничкото движење започнува многу порано во Македонија (1921). Во оформувањето на СИМ учествувал и нашиот член Перо Данилоски во Скопје, кој потоа заедно со своите пријатели го оформува Извидничкиот Одред „Мирко Милески“ во Кичево во 1953 година. И.О. Мирко Милески денеска брои околу 130 активни членови од различни возрасти и категории.

Би сакале да ја искористиме оваа прилика да им се заблагодариме на нашите пријатели: Спикомп – Кичево, Порта МК како и Бакарди Кичево.


Со извиднички поздрав, ЗДРАВО!


0 Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.